Храна и Здравје

Ај за мене ако може кило шницли од питон, фала: Какво месо ќе јадеме во иднина?

Месната индустрија е еден од најголемите загадувачи на планетата. Беа понудени многу алтернативи – од префрлување на инсекти до лабораториско месо – но ниту една не беше прифатена. Можеби би можеле да ја пробаме змијата?

Новото истражување на меѓународен тим експерти ја разгледа можноста за одгледување питони во комерцијални размери и какво влијание врз животната средина би имало таквата практика во споредба со сточарството.

Резултатите се ветувачки. Змиите брзо растеле, дури и за време на постот, а односот на количината на месо и количината на изедената храна бил исклучително добар. Тие се хранат со пилешко и глодари, но може да се хранат и со отпад од месната индустрија.

Исто така, одгледувањето змии има уште една предност.

„Нивната способност да ги регулираат метаболичките процеси за време на постот, со цел да се одржи состојбата на организмот, би послужила како многу важен фактор во областите каде стабилното снабдување или метеоролошките услови не се секогаш загарантирани“, вели херпетологот Даниел Натуш од австралискиот универзитет Мекквари.

Неговиот тим проучувал два вида питони, “malayopython reticulatus” и “python bivittatus”, додека тие биле одгледувани една година на фарми во Тајланд и Виетнам, а потоа се користеле за храна.

Змиите можат да постат со месеци без да изгубат голема телесна маса, што ги прави идеални за размножување во области каде што храната и водата не се загарантирани.

„Нашата студија потврди дека е биолошки и економски возможно да се одгледуваат питони за комерцијална употреба на месо“, велат истражувачите.

Иако змиското месо нема да стигне до месарниците преку ноќ, резултатите од студијата покажаа дека питоните еден ден би можеле да станат стабилен и економичен извор на храна.