ПопуларноСпорт

Балканизам на Европско: Србија ги пријави Албанија и Хрватска, Косово ја пријави Србија, Македонија ја пријави Албанија

Европската фудбалска федерација имаше полни раце работа за само седум дена од ЕВРО, со оглед на бројот на тужби што до нив ги поднесоа челниците на фудбалските сојузи од Балканот.

И додека убавите сцени како што е собирањето на бројни навивачи на различни репрезентации, како пријателската пресметка меѓу навивачите на Србија и Словенија на улиците на германските градови, патуваат низ светот, многу повеќе внимание привлекуваат негативните работи поврзани со нив.

Се започна на вториот ден од Европското кога Фудбалскиот сојуз на Србија ги пријави Албанците поради однесувањето на нивните навивачи на натпреварот против Италија.

УЕФА ја казни Албанија со 37.375 евра за палење пиротехнички средства, фрлање предмети на теренот, трчање на теренот и прикажување провокативни пораки кои не се соодветни за спортски настан. Во конкретниот случај, провокативната порака беше картата на „Голема Албанија“.

После тоа, на натпреварот меѓу Србија и Англија, на трибините се појави транспарент со знамето на територијата на Косово и слоганот „Не се предаваме“.

Фудбалскиот сојуз на Косово веднаш поднесе жалба до УЕФА која го казни Фудбалскиот сојуз на Србија со 14.500 евра.

После тоа, се одигра натпревар помеѓу Хрватска и Албанија, а двете репрезентации беа пријавени од Србија, како и од Македонија, во УЕФА.

Имено, Фудбалскиот сојуз на Србија ги пријави Хрватите и Албанците бидејќи навивачите на двете селекции скандираа „Убиј Србин во текот на натпреварот, додека Македонците бараа казна за Албанците бидејќи нивниот претставник Мирлинд Даку застана пред навивачите по натпреварот и на мегафон извика: „Е*и Македонци!“.

И додека УЕФА сè уште ги истражува тие три пријави поради случувањата на средбата Албанија-Хрватска, вчера доби уште една, од Косово.

Косово повторно ја пријави Србија, овојпат поради, како што се наведува, „повторување на однесување со националистичка и расистичка реторика од страна на српските навивачи на натпреварот од групата Ц меѓу Словенија и Србија, што се одржа во четвртокот во Минхен“, изјавија тие.