Вести

Нападната американска воена база во Ирак

Неколку американски војници се повредени во напад врз воена база во Ирак во понеделникот, потврди Министерството за одбрана за Гласот на Америка.

„Можеме да потврдиме дека денеска имаше ракетен напад врз американските и коалициските сили во воздухопловната база Ал Асад во Ирак. Првите индиции се дека се повредени неколку американски војници. Персоналот на базата врши проценка на штетата по нападот. Ќе има известување кога ќе станат достапни повеќе информации“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана за Гласот на Америка.

Reuters јавува дека пет лица се повредени. Нападот доаѓа додека Блискиот Исток се подготвува за можен нов бран напади од Иран и неговите сојузници по минатонеделното убиство на високи милитанти на Хамас и Хезбола.

Два проектили беа истрелани врз воздухопловната база Ал Асад во западен Ирак, соопштија два ирачки безбедносни извори. Извор од ирачките безбедносни сили рече дека ракетите ја погодиле базата. Не е јасно дали нападот е поврзан со заканите на Иран дека ќе возврати.

Иран во средата соопшти дека САД се одговорни за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Техеран.

Американските власти, кои разговараа за Ројтерс под услов да останат анонимни, изјавија дека еден од ранетите Американци е тешко повреден.

Претходно во текот на денот, американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис се сретнаа со највисоките безбедносни претставници за случувањата на Блискиот Исток.

„Добивме информации за заканите од Иран и нивните соработници, дипломатските напори за деескалација на регионалните тензии и подготовките за поддршка на Израел доколку повторно биде нападнат. Разговаравме и за чекорите што ги преземаме за да ги одбраниме нашите сили и да одговориме на секој напад врз нашиот персонал на начин и место што ќе го избереме“, рече Бајден на социјалната мрежа Х.

Минатата недела, САД извршија напад во Ирак против поединци за кои американските официјални лица рекоа дека се милитанти кои се подготвуваат да лансираат беспилотни летала и претставуваат закана за американските и коалициските сили. САД гледаат дали Иран ќе го исполни своето ветување дека ќе одговори на убиството на Ханије, едно од серијата убиства на високи личности од палестинската милитантна група за време на бесната војна меѓу Израел и Хамас во Газа.

Пентагон соопшти дека ќе распореди дополнителни борбени авиони и воени бродови на морнарицата на Блискиот Исток додека Вашингтон се обидува да ја зајакне одбраната по заканите од Иран и неговите сојузници Хамас и Хезбола. Ирак, сојузник и на САД и на Иран, има 2.500 американски војници и милиции поддржани од Иран поврзани со неговите безбедносни сили.