Вести

(ВИДЕО) Како изгледа кога тарантула ќе биде обземена од зомби-габа? Ги преземала нејзините функции, па ја убила!

Младиот истражувач Крис Кетола за време на неговиот престој во перуанската Амазонија наишол на сцена која потсетува на серијата „The last of us“.

Тој снимил тарантула која била нападната од паразитска габа од родот Кордицепс. Оваа габа ја презела контролата врз телото на тарантулата, манипулирала со нејзините движења и на крајот ја убила.

Кетола објаснува дека таканаречената „зомби габа“ ги презела моторните функции на тарантулата, принудувајќи ја да се пресели на одредена локација пред да умре.

Кога тарантулата умира, габата избива од нејзиното тело, ширејќи спори кои можат да заразат други инсекти.

Според Кетола, ова е само трета заразена тарантула што ја видел, но се согласува дека глетката е морничава и фасцинантна.

Кордицепс габата го напаѓа домаќинот, ги исцрпува неговите хранливи материи, го полни со спори и ги презема неговите функции, правејќи го „зомби“. Кога домаќинот умира, габата ослободува спори за да продолжи да се репродуцира.

Научниците сè уште не се сигурни како точно Кордицепс ја презема контролата над својот домаќин, но една студија сугерира дека габата користи хемиски сигнали преку протеините што ги лачи за да манипулира со домаќинот.