ВестиПопуларно

Ќе одговораат ли убијците на Данка за злосторство ако нејзиното тело не биде пронајдено?

Адвокатот Предраг Савиќ денеска изјавил дека доколку телото на убиеното двегодишно девојче Данка Илиќ од Бор не биде пронајдено, можно е осомничените за нејзиното убиство да се процесуираат врз основа на досега собраните докази.

„Тука се признанијата на сторителите, нивните прикривачи кои се членови на потесното семејство, имаме многу други докази во врска со настанувањето на сообраќајката, крв на автомобилот, асфалтот… Можно е да се изврши обична или 3Д реконструкција на настанувањето на сообраќајката од која ќе се види дали била таква која не би можела да произведе смртни последици затоа што возеле со брзина од 20 километри на час. Врз основа на сите тие докази најверојатно е дека Данка Илиќ била усмртена на начинот на којшто призна еден од обвинетите“, навел адвокатот, пренесува српски „Блиц“.

Савиќ напомнал дека за кривичната постапка би било добро да се најде телото, да се изврши обдукција, судско-медицинско вештачење и на научен начин да се докаже причинско-последичната врска меѓу повредата и смртните последици.

Како што рекол, современата технологија и сите досега собрани докази овозможуваат осомничените да бидат процесуирани и доколку телото не се најде, истакнувајќи дека квалитетот на докази би можел да биде многу поцврст и поверодостоен доколку се најде телото и се направи обдукција и судско-медицинско вештачење.

На прашањето дали тој лично е за воведување смртна казна за најтешките злосторства, како што е убиство на двегодишно девојче, Савиќ одговорил дека како човек и родител е „за“, но како правник смета дека тоа е многу тешка и речиси невозможна мисија.

„Јас се каам што во 2002 година, кога беше укината смртната казна, бев „за“ укинување на смртната казна. Тогаш верував дека укинувањето на смртната казна ќе значи многу за Србија, дека присуството на Србија во Советот на Европа во европските интеграции ќе биде многу поделотворно. Им верував и на оние кои ги анализираат и истражуваа проблемите со смртната казна и говореа дека таа нема генерално дејство на превенција“, изјавил адвокатот.

Земајќи ја предвид европската конвенција, членството на Србија во СЕ, како и другите меѓународни протоколи на нивото на ОН и дека поголем дел од земјите во светот ја укинаа смртната казна, Савиќ вели дека од адвокатска страна не може да се каже дека враќањето на смртната казна би било одржливо и правилно.