ВестиПопуларно

„За овие суштества не знаеме речиси ништо“: Многу ретко животно видено на плажа

Научниците имаат можност да го сецираат и проучуваат овој вид.

Примерок од кит пронајден неодамна на плажа во Нов Зеланд најверојатно припаѓа на најретките видови – клуновите китови или “Mesoplodon traversii”, објавија вчера научниците.

Никој не знае точно колку примероци има од овој вид, како јадат, па дури и каде живеат во пространствата на Јужниот Пацифик, пренесува АП.

Според извештаите, тоа е можност за научниците да го сецираат и детално да го проучат, а се верува дека станува збор за овој конкретен тип на кит врз основа на неговите шари, како и формата на черепот и забите.

– Знаеме многу малку, речиси ништо за овие суштества – изјави научникот од Агенцијата за заштита на природата, Хана Хендрикс.

Таа додаде дека ова откритие ќе даде извонредни научни информации. Досега се пронајдени само уште шест вакви китови, а примероците пронајдени на плажите во Нов Зеланд досега не се доволно зачувани за ДНК анализа.

Овој пат истражувачите ќе имаат можност детално да го испитаат пронајдениот примерок и ќе соработуваат со локалната заедница на Маори, која го смета китот, таонгата, за свето суштество.

Остатоците од првиот кит од овој вид биле пронајдени во 1872 година на островот Пит во Нов Зеланд.