ВестиПопуларно

Затруени со лекови и со бројни повреди по телото пронајдени во куќа во Скопје: Малолетници примени на Токсикологија во тешка состојба

Четири малолетни лица попладнево биле примени на Клиниката за токсикологија во тешка здравствена состојба.

Малолетните лица кои се на возраст меѓу 14 и 17 години биле донесени со пореметена свест и бројни повреди по телото, потврдува за „Курир“ директорот на клиниката, Андон Чибишев.

„Малолетниците се хоспитализирани и се преземени мерки за реанимација. Во моментов двајца од нив се на Токсикологија со подобрена општа состојба која оди кон подобро, додека другите двајца се во потешка состојба и се испратени на дополнителни иследувања кои треба да се анализираат“, вели Чибишев за „Курир“.

Во организмот на малолетниците била присутна поголема количина на лекови. Истите попладнево биле пронајдени во куќа во Скопје.

„Денеска полициски службеници од СВР Скопје постапиле по пријава за нарушен јавен ред и мир и при тоа е утврдено дека во куќата на Д.Г. (40) имало четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци. Лицата се пренесени на клиниката за токсикологија“, информираат од МВР.