ВестиПопуларно

Мислел дека оди да студира, го пратиле во првите борбени редови во Украина: Русите користат Јутјуб со измама да регрутираат странци, а потоа без обука ги фрлаат на фронт

Кога Хемил Мангукија го напуштил своето мало село во индиската држава Гуџарат минатиот декември, тој му кажал на своето семејство дека заминал во Русија за да заработи подобро отколку во Индија.

Тој бил поттикнат од видеото за регрутирање кое го најде на YouTube. 23-годишникот мислел дека ќе добие сигурна работа како чувар далеку од војната во Украина. Но, во тензичните телефонски повици дома од Русија, тој му кажал на своето семејство дека наместо тоа бил испратен во едномесечен воен камп за обука, а потоа одведен на фронтот, каде што морал да копа ровови, да носи муниција и да ракува со пушки и митралези, пишува „Гардијан“.

Потоа, на крајот на февруари, неговите повици одеднаш престанале.

Повикот што дошол неколку дена подоцна го скршил срцето на неговиот татко: Мангукија бил убиен во ракетен напад некаде во Украина.

– Мислам дека ја криеше опасноста во која се наоѓаше од нас. Целото наше семејство е уништено од ова. Сè уште се обидуваме да му го вратиме телото – изјавил Ашвин Мангукија (52).

„Мислевме дека одиме на Нова година, не однесоа во војска“

Смртта на Мангукија фрли светлина врз судбината на десетици – според некои проценки стотици Индијци кои завршија против нивната волја на првите линии на војната, откако се пријавиле за работа како воени помошници или работници за безбедност. Семејствата на некои од нив велат дека мажите мислеле дека ќе одат на работа во Дубаи, но агентите ги испратиле во Русија.

Оваа недела на социјалните мрежи кружеше видео од седум Индијци од Панџаб кои тврдеа дека тргнале на туристичко патување во Русија за Нова година, но агентот ги однел во Белорусија, каде што биле приведени.

https://youtu.be/BRX7LQio2Sg

– Полицијата не предаде на руските власти, кои не принудија да потпишеме документи. Сега нè принудуваат да водиме војна против Украина – изјавил Гагандип Синг, еден од мажите на видеото.

Во средата беше објавено дека друг Индиец, Мохамад Афсан, загинал на првите линии на војната, откако отпатувал за Москва во ноември за, како што мислел, безбедносна работа.

– Немаше поим дека го испраќаат во воена зона – рекол неговиот брат Мохамад Имран.

„Имаше дете, сакаше да оди во Дубаи. Ни се јави од Русија“

Азад Јусуф Кумар (31) го напуштил својот дом во индискиот регион Кашмир во декември за да се вработи во Дубаи.

Агентот кој го запознал преку Јутјуб, му платил 300.000 рупии (околу 3.300 евра) како аванс за неговата плата. Но наместо тоа, вели неговото семејство, тој бил испратен во тренинг камп во Русија, каде што бил застрелан во ногата за време на вежбање. После тоа, тој бил испратен на фронтот во Украина.

Тој сакаше да оди во странство на работа и неговата сопруга штотуку роди дете, вели постариот брат на Кумар, Сајад.

– Но тој ни се јави вознемирен и рече дека го пратиле во Русија од Дубаи и дека го принудиле да оди во војска. Го испратија во опасна воена зона и секој ден мора да ги гледа повредените, многумина со изгубени екстремитети и искинати тела – рекол неговиот брат.

Кумар му рекол на своето семејство дека повеќето војници во неговата единица се од Индија и Непал и дека се во слична ситуација.

– Не молеше некако да го извадиме, но ние сме беспомошни – рекол брат му.

„Мислеше дека ќе студира медицина, го измамија“

Индиската влада, која има блиски односи со Русија, призна дека 20 Индијци работат за руската војска и рече дека „вложува максимални напори да организира нивно предвремено ослободување“.

Амрит Бахадур Раи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Непал, вели дека и тие постојано работат на враќање на луѓето, но признава дека не го знаат точниот број на нивните државјани во Русија. Раи изјавил дека 245 семејства поднеле петиции тврдејќи дека нивните роднини биле заробени од тамошната армија, а се знае дека уште пет Непалци се заробени во Украина.

Меѓу нив бил и Сидарта Дакал (22) од Мандандеупур, Непал, кој бил заробен од украинските сили во ноември. Низ социјалните мрежи се прошири видео на кое тој моли за помош.

Дакал отпатувал во Русија за да студира медицина, но по пристигнувањето сфатил дека е измамен и дека единствената опција му е да се приклучи на војската.

– Тој е нашиот единствен син, нашата единствена надеж. Ве молам донесете го дома – низ солзи рекол неговиот татко Биру Дакал.