ВестиПопуларно

Осум години затвор за грабнувачите на Самоил: „Да удриш некој ќе добиеш поголема казна, син ми е убиен“

Виктор Милановски доби пет години и десет месеци затвор, а второобвинетиот Саша Челикиќ доби казна од две години и два месеци за грабнувањето на Самоил Костадиновски.

Милановски и Челикиќ беа прогласени за виновни од страна на судијката Славица Наумова-Јосифовска оти го сториле делото „грабнување“.

Според Наумова-Јосифовска Обвинителството докажало дека заедно со лицето кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, извршиле грабнување на едно лице, со закана дека ќе го лишат од живот. Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – стока во количина од 4 килограми.

Семејството на исчезнатиот Самоил Костадиновски, кој е внук на Љубе Бошкоски, не е задоволно од пресудата на судот против двајцата обвинети за грабнувањето на младиот скопјанец и ќе се жали на повисок суд.

„Судот е корумпиран и е потплатено се. Не може некој да украде велосипед или да украде дрва и да добие повисока казна. Не може еден човек да вреди со ваква минимална казна. Ќе се жалиме секако. Некого да го удриш ќе добиеш повисока казна од ова. Како добија тие од 27 април поголеми казни а никого не убија или киднапираа. Сите во парламентот си седат си крадат, а тие лежат со години. Тука син ми го нема, исчезнат е и тој е убиен и овие казни се смешни.Што ќе пронајдеш кога се е корумпирано. Полицијата ја заташка целата работа кога почна истрагата затоа што тоа е една група која работела за полицијата. Со вакви минимални казни ова не е држава, ова е картел. Не веруваме во судот ниту во пресудата. Ова беше театар. Да дадеш автомобил, ти си соучесник на сторено дело, како да си дал оружје. Не можам да разберам како овие судат“, револтирано одговори таткото на исчезнатиот Самоил, пренесува „А1он“.