ВестиПопуларно

Сноуден: Макрон се спушти на „ниво на земање заложници“ со апсење на директорот на Телеграм

Поранешниот советник на ЦИА, Едвард Сноуден рече дека апсењето на основачот на социјалната платформа Телеграм, Павел Дуров во Франција е напад врз правото на слобода на говор и дека е длабоко разочаран што францускиот претседател Емануел Макрон се спуштил на ниво да зема заложници како средства за добивање пристап до приватни комуникации.

Сноуден на платформата Икс напиша дека апсењето на Дуров го „омаловажува достоинството“ не само на Франција, туку и на целиот свет.

Едвард Сноуден живее во азил во Русија откако во 2013 година откри информации за програмата на американската Агенција за национална безбедност (НСА), а пред две години доби руско државјанство.

Руската амбасада во Париз побара од француските власти да ги објаснат причините за приведувањето на Дуров, наведувајќи дека тие досега одбивале да соработуваат по ова прашање, пренесоа руските медиуми.

Реагирајќи на апсењето на Дуров во Франција, претставничката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова на својот Телеграм даде список на невладини организации кои во 2018 година побарале од руските власти „да престанат да создаваат пречки“ во работата на Телеграм и се запраша дали и сега дојде во одбрана на извршниот директор на таа платформа, Павел Дуров.

Основачот на Телеграм, кој има француско државјанство, синоќа е приведен на аеродромот во Париз, Бурж веднаш по излегувањето од приватниот авион со кој летал од Азербејџан.

Според локалните медиуми, француското правосудство смета дека Дуров е вмешан во бројни злосторства и може да се соочи со обвиненија за тероризам, трговија со дрога, измама и перење пари.

Според францускиот новинар Кирил Амурски, на овој бизнисмен му се заканува казна затвор до 20 години.