Забава

Хрватите ги бркаат гостите со вртоглаво високи цени

Јадранското крајбрежје е поскапо од Азурите, а поевтино е да се одмори во Шпанија, Португалија или Грција отколку во Хрватска, пишуваат германските медиуми.

Хрватска стана прескапа за одмор, пишуваат германските, австриските и словенечките медиуми. Одморот на Јадранот чини илјада евра по човек НЕДЕЛНО, пресметале новинарите во еден австриски дневен весник.

Словенечката телевизија ПОП објави дека во Хрватска поскапеле рестораните и продавниците. Германските статистичари прецизно пресметале дека Шпанија, Португалија и Грција се поевтини од Хрватска.

Цените во Хрватска експлодираа, пишува австрискиот портал „Данас“ и ја наведува приказната за двајца луѓе од Виена кои платиле цело богатство за вечера во Лошињ.

Вечерале риба, две порции блитва, компири, испиле три алкохолни пијалоци и шише вода, а келнерот им донел сметка од 148 евра и 75 центи.

Јадранското крајбрежје е поскапо од Азурите, каде сместување во хотел може да се најде од 100 до 150 евра. По таа цена, едвај можеш да најдеш стан во приватно сместување од Цавтат до Умаг. Цените се движат од 200 до 1.000 евра за ноќ, а услугата е многу поскромна.

Во разговор со туристите дознаваме дека ги забележале високите цени на храната, пијалоците и општо на услугите во Хрватска. Ова особено го истакнуваат оние кои со години доаѓаат во Истра, пишува во извештајот на Хрватската телевизија.

Една туристка рече дека цените во Дрезден, од каде што е, се многу поевтини, особено во продавниците.

Благодарение на чистото море, прекрасните градови на брегот и пријатната клима, Хрватска стана посакувана дестинација за многу европски туристи. Но, сега во Хрватска ги пречекува студен туш од високи цени во туристичките места. Затоа туристите од Чешка, Унгарија, па и Австрија се повеќе ја заобиколуваат Хрватска и одат на подеднакво убави дестинации, но со поумерени цени.