ПопуларноТехнологија

“Можеби имавме преголеми очекувања”: Samsung со провокација до Apple после презентацијата на новиот iPhone 16

Apple пред два дена ги претстави своите нови модели на телефони, а Samsung покажа што мислат за нив на платформата Икс.

Apple и Samsung се големи конкуренти на мобилниот пазар, па нивните телефони редовно се меѓу најпродаваните и најпопуларните уреди во светот. Низ годините, јужнокорејската компанија постојано го исмејуваше Apple, нивните производи и корисниците кои се толку заслепени од моќта на брендот Apple што не гледаат други брендови и уреди околу нив. А тие уреди, тврдеше Samsung во неколку огласи, веќе ги имаа сите опции и можности кои Apple би ги претставил како новитети.

Тимот од Samsung не пропушти да го критикува Apple и по нивната контроверзна реклама за новиот модел iPad Pro во која хидраулична преса уништува инструменти и многумина таа реклама ја гледаа како симбол на модерното време каде технологијата ја уништува креативноста. Јужнокорејската компанија објави свое видео во кое сакаше да покаже како технологијата може да им помогне на креативците и во кое велат: Никогаш не би ја уништиле креативноста.

Оваа недела, по претставувањето на новата генерација на iPhone телефони, Apple повторно се најде на мета на Samsung. На профилот на американската платформа Икс на компанијата, Samsung наведе една од своите објави од 2022 година. Потоа, исто така по претставувањето на новата верзија на iPhone, напишаа: „Кажете ни кога ќе се свитка“, со што стана јасно дека веќе произведуваат телефони со флексибилни екрани, додека Apple сè уште го нема својот адут во тоа пазар.

Покрај екранот, Samsung го “боцна” Apple за иновации поврзани со вештачката интелигенција. Американската компанија ќе го интегрира, како што ја нарекоа, Apple Intelligence во своите телефони, па на настанот пред два дена претставија и неколку интересни функции кои сега ќе им бидат достапни на корисниците на нивните уреди. Од Samsung, чии телефони веќе можат да користат Galaxy AI, не се премногу импресионирани, па во друг твит им порачаа: „Знаете… можеби имавме преголеми очекувања од вашата вештачка интелигенција.”

Кога ќе излезат во продажба новите модели на телефони на Apple, што ќе биде од следниот петок, тие нема да ги имаат сите опции за AI веднаш, но оние на одредени пазари (не во Европа) ќе станат достапни од следниот месец, додека подобрувањата со Siri не треба да се очекува пред следната година.