ПопуларноСелебрити

Заврши најскапата свадба на светот: Веселбите траеја од март

Вечерва во Мумбаи заврши свадбениот прием на најмладиот син на најбогатиот човек во Индија, Мукеш Амбани, Анант (29) и неговата избраничка Радика Мерчант (29), а нивната венчавка многумина ја оценија како „свадба на година“.

Младенците вчера славеа со своите гости во конгресниот центар Џио Ворлд Драјв во Мумбаи, во сопственост на семејството Амбани, како дел од Фестивалот на блаженството, пренесува АП.

На списокот на гости се најдоа поранешните британски премиери Тони Блер и Борис Џонсон, музичките ѕвезди Адел, Лана Дел Реј, Дрејк, како и фудбалската ѕвезда Дејвид Бекам, објавија медиумите, но семејството Амбани сè уште го нема потврдено списокот на гости.

Во Мумбаи до понеделник ќе биде променет сообраќајот во делот од градот каде се организира свадбената веселба поради пристигнување на голем број гости.

Промените во сообраќајот предизвикаа гнев кај граѓаните кои веќе се соочуваат со голем метеж во Мумбаи, а луксузот доведе многумина да покренат прашања за растечката нееднаквост во Индија, каде што јазот меѓу богатите и сиромашните се зголемува.

Свадбените веселби започнаа уште во март, кога семејството на младенците организираше тридневна забава на која присуствуваа 1.200 гости, меѓу кои и поранешни светски лидери, бизнисмени и ѕвезди од Боливуд, а на забавата настапи и Ријана.

Семејството потоа однесе гости на тридневно крстарење од Италија до Франција во мај, со Кејти Пери и Питбул.

Мукеш Амбани е деветти најбогат човек во светот, со богатство проценето на 116 милијарди долари, според податоците објавени од Форбс.

Младата Радика Мерчант е ќерка на фармацевтскиот бизнисмен Вирен Мерчант и е маркетинг директор на неговата компанија „Encore Healthcare“.