ПопуларноСпорт

Интервју со Еми Попјордановска, успешна деловна жена и репрезентативка во одбојка: “Фокусот и приоритизирање на дадена обврска во даден момент е тоа што ми овозможува да постигнам резултати на сите фронтови”

Еми Попјордановска е македонска репрезентативка во одбојка која воедно работи и во осигурителна компанија. За неа вели дека фокусот и приоритизирањето на дадена обврска во даден момент е тоа што ѝ овозможува да постигне резултати на двата фронта. „Моето работно време не завршува во 16ч, но исто така посветеноста кон одбојката е 24/7“, вели Еми. За почетоците во одбојката, за лекциите и предизвиците кои го обликувале нејзиното гледиште кон спортот и животот, за најдрагите освоени титули, прочитајте од интервјуто во продолжение:

  1. Еми, можеш ли да ни кажеш што те инспирираше на почетокот да се занимаваш со одбојка?

 Првиот контакт со одбојкарската топка беше во четврто одделение, кога отидов да видам како изгледаат тренинзите во сала. Како и секој почетник првите вежби кои ги работев беа контрола на топката со удари во ѕид. Од денешна гледна точка тоа бил многу важен момент во моите почетоци, но гледајќи ги повозрасните играчи како работат други поинтересни вежби сметав дека моето место не е во таа група. Сепак, тој ред и дисциплина ми остави добар впечаток. Воедно, многу ми се допаднаа елементите од играта кои ги гледав и учев од повозрасните. Тие тренинзи ме мотивираа и инспирираа да посакам да го достигнам тоа ниво, да можам еден ден да играм и јас преку мрежа со или против нив. Па така, пронајдов одбојкарска школа која работи со групи  по возраст приближно на мојата и од тогаш, па се до денес немам пропуштено тренинг.

  • Размислувајќи за твоето патување, можеш ли да опишеш клучен момент од твоето детство или раните тренинзи кој ја потврдил твојата страст кон одбојката? Какви лични предизвици и борби го придружуваа ова патување?

Како најголем предизвик во моите почетоци беше веројатно периодот во кој се прилагодував на таа дисциплина и чувство за одговорност, каде станував и свесна дека дел од слободното време го посветувам на одбојката и притоа ќе морам да пропуштам  настани со друштвото. Токму таа редовност на тренинзите и одлучност да го насочам своето слободно време кон одбојката ја потврдија љубовта и страста кон овој спорт. Притоа, моите родители го препознаа тоа и се повеќе ме поддржуваа. Нормално, училиштето и јазикот не смееше да се запостават, па така од најрана возраст научив да го организирам својот ден и никогаш не ги намалив моите активности, само научив да ги завршувам обврските во даден рок, што е голема придобивка во животот.

  • Кои се твоите угледни личности или ментори во одбојката и како тие влијаеле на твојот стил на игра и професионален пат?

Од моите најрани почетоци, па се до денес сум била во повеќе клубови, сум работела со различни карактери и нормално дека секој еден од нив ме научил на некаква животна или одбојкарска лекција. Без разлика дали тоа биле финеси во одбојкарските елементи или разговор и совет кои ме издигнале карактерно, засекогаш сум благодарна за сите позитивни и негативни моменти кои ги доживеав во овој спорт. Почитувам критика, почитувам културни и докажани тренери и играчи кои за моја среќа сум имала шанса да ги запознаам низ годините и сум се трудела да применам нешто од нивните добронамерни совети. Секако, некои од нив ме охрабриле и да отидам чекор подалеку и да пробам да играм и надвор од границите на нашата држава, што се покажа како добро искуство.

  • Што во твојот живот те предизвикало најмногу и која била критичната лекција која те научила најмногу? Како оваа лекција го обликувала твоето гледиште кон одбојката и животот?

Најголем предизвик веројатно е долгогодишната жртва кој е составен дел од животот на секој спортист, а најкритична лекција е меѓучовечкиот однос. Несомнено, секој човек очекува и се надева на реципроцитет на она што го вложува и дава од себе. Тешката лекција во животот е кога ќе сфатиме дека не секогаш и не од секого го добиваме тој третман. Па така, низ годините сум се соочила со неколку ситуации кои ми покажале дека моја одлука е колку ќе дадам, без да очекувам ништо за возврат, но исто така сум достигнала ниво на самопочит, кое ми овозможило сигурност во моментите кога треба да напуштам одредена средина. Тоа важи за мене во одбојката и во сите останати сегменти од животот.

  • Секој спортист се соочува со пречки. Можеш ли да споделиш конкретен момент во твојата кариера кога си била најблиску до откажување и што те инспирирало да продолжиш?

Најголемата несреќа што може да му се случи на еден спортист е некоја посериозна повреда или здравствен проблем поради кои може да биде спречен да го прави тоа што најмногу го исполнува. За среќа, во мојата кариера немало такви моменти, но дојде еден период на стагнација на женската одбојка во Македонија. На некој начин почнав да размислувам дали тоа е моментот кога треба да се откажам. Сепак, мојата желба повторно да дочекам активирање на женска сениорска репрезентација ме водеше да најдам решение и да продолжам да играм во Косово и во Романија, што потоа се покажа како вистински чекор. Дочекав повторно да го облечам националниот дрес, по 10 години пауза на сениорската репрезентација.

  • Имаш успешна кариера со значајни достигнувања, вклучувајќи освоени титули. Која од овие титули ти е најдрага и зошто?

За себеси, најголемото признание кое си го давам е истрајноста која ја имам во сите овие години. Можеби сум една од ретките играчи во нашата земја кои освоиле преку 10 шампионски и 10 куп титули, но сепак сметам дека овој успех не е ни близу до она што би сакала да го постигнам. Секогаш се стремам кон подобро и можеби веќе на 31 година немам многу простор за светски признати успеси, но можам да продолжам да придонесувам за одбојката во некој друг облик, а притоа да инспирирам многу млади девојки кои се занимаваат со овој спорт да имаат високи амбиции и остварувања во своите идни кариери. 

Како најдраги титули ќе издвојам 3 и тие се идентични, од негатива 0:2, до целосен пресврт од 3:2. (Шампионска титула 2012/13 Форца Волеј-Македонија Макс, 2021/22 Работнички Скопје-Јанта Волеј и Куп титулата со Струмица Жени против екипата на Работнички Скопје минатата сезона). Во тие моменти на таква негатива, потребни се сплотеност на тимот, трпеливост, храброст и голема желба за победа. Затоа и овие 3 ги издвојувам како најдраги во мојата кариера.

  • Балансирањето на спортската кариера и секојдневните работни обврски во осигурителната компанија бара значитела дисциплина и жртвување. Кои стратегии ги користиш за да го одржиш овој баланс?

“Multitask” и “Time management” би биле стратегиите кои ги користам, помодерно кажано! Шала на страна, ако се сака, се е можно. Фокусот и приоритизирање на дадена обврска во даден момент е тоа што ми овозможува да постигнам резултати на двата фронта. Моето работно време не завршува во 16ч, но исто така посветеноста кон одбојката е 24/7. Нормално дека и во тек на денот имам одговорност кон спортската кариера, внимавам што јадам, практично се чувам од несакани последици и повреди, не сакам да правам работи кои би наштетиле во мојот перформанс, а исто така од друга страна и клиентите со кои работам знаат дека сум достапна и можат да ме контактираат во секое време, освен додека сум на тренинг или натпревар.  Жртвата е најизразена во најголема мера кон слободното време, но луѓето кои ме знаат, разбираат дека секаде каде што можам ќе стигнам и ќе се појавам на одреден настан, а кога не одам, има вистинска причина за тоа. Благодарна сум за сета поддршка и разбирање на тие луѓе, за кои колку и да сум преплавена со обврски, наоѓам време да им посветам внимание. Некогаш своето слободно време го посветувам и себеси, а тогаш уживам да одам на Водно и да соборувам лични рекорди.

  • Гледајќи напред, кои се некои од твоите цели и аспирации во одбојката? Како би сакала да влијаеш или да го промениш спортот?

Мојата желба е да пронајдам начин и канал преку кој ќе можам да оставам личен печат во одбојката во иднина. Тоа што било мој неостварен сон, спортот да биде единствена професија со која ќе се занимавам во животот, би сакала да придонесам да се оствари за некој друг играч, кој ќе има можност да се истакне и да постигне врвни резултати. Притоа, би сакала да се остварат големи успеси во женската одбојка на меѓународно ниво, да се подигне квалитетот и афирмацијата на одбојкарите и одбојкарките во оваа држава. Искрено се надевам дека идните генерации ќе доживеат такво нешто, а сите ние заедно ќе се радуваме на нивните достигнувања.