Технологија

Дали се согласувате со „кумот на AI“? Ако се отпуштени поради вештачка интелигенција, луѓето да добиваат универзален доход

Ако луѓето добијат отказ поради вештачка интелигенција и не можат повторно да се вработат, решението е универзален основен приход, вели Џефри Хинтон.

Различни експерти даваат различни, а понекогаш и сосема контрадикторни мислења за иднината што ќе ни ја донесе натамошниот развој на вештачката интелигенција. За некои од нив, вештачката интелигенција е патот до поголема продуктивност и ефикасност и ќе не ослободи од здодевните и повторливи работни места. Притоа, некои работни места ќе исчезнат, додека ќе се отворат нови работни места кои би требало да бидат подобро платени.

Но, постои и друга страна на медалот. На пример, дека многумина кои ќе добијат отказ нема да можат повторно да најдат нова работа бидејќи тие работи ќе ги врши технологијата, а како што во едно неодамнешно интервју предупреди Џефри Хинтон, кој во технолошките кругови е познат како „кум на вештачката интелигенција“, ова технологијата би можела да има големо влијание да создаде нееднаквост меѓу луѓето. Имено, тој се согласува и дека вештачката интелигенција би можела да ја зголеми продуктивноста и богатството, но тие пари најверојатно ќе одат во џебовите на богатите, а не кај луѓето кои останале без работа поради технологијата. Ќе биде многу лошо за општеството, предупреди тој.

Решението, според него, сè уште постои. Станува збор за универзален основен приход, односно за одредена месечна сума која државите би ја дале на сите луѓе за да имаат некој извор на приход. Тој, исто така, ја советуваше британската влада дека тоа е добра идеја.

Загрижувачка иднина

Меѓутоа, прашање е како таквата идеја би можела да се спроведе во пракса. Предизвиците се многубројни – од самиот факт дека такво нешто би било прескапо и државата повеќе нема да има пари за јавни услуги, до тоа што веројатно нема да ја искорени сиромаштијата. Се поставува и прашањето за мотивацијата за работа кај дел од луѓето кои можат да се навикнат да не прават ништо, а да не им седат пари на сметка секој месец.

Хинтон е еден од пионерите на оваа технологија, а до неодамна работеше во Google. Минатата година дал отказ, а причината е интересна – сакал слободно да проговори за опасностите што ги претставува оваа технологија. Уште порано тој предупреди дека развојот на вештачката интелигенција може да доведе до автономно оружје и воена употреба на оваа технологија, односно роботи убијци, и верува дека во иднина повеќе нема да знаеме што е вистина, а што лага.

Сепак, роботите и технологијата што ни ги земаат работните места не се најголемата закана, а Хинтон верува дека луѓето би можеле да создадат форма на интелигенција што е подобра од биолошката интелигенција. Ова е многу загрижувачки за нас, предупреди тој и рече дека стравува дека во иднина – меѓу 5 и 20 години, вештачката интелигенција би можела дури и да се обиде да ја преземе власта над луѓето, што претставува закана за иднината и опстанокот на човештвото. Тој во разговорот со новинарите потсети и на една од изјавите на Владимир Путин што ја дал многу пред да започне војната во Украина, а според него, кој ја контролира вештачката интелигенција го контролира и светот.

Што се однесува до универзалниот приход, неговата идеја, барем засега не нашла плодна почва, а портпаролот на британската влада за Би-Би-Си изјавил дека немаат намера да воведат таква новина.